Користење на обновливи извори на енергија
Биомаса
Биомаса е сè што е живо, исто така и она што било живо до пред одредено време. Биомаса се дрва, растенијата, отпад, животински отпад и др. Денес, најголемиот дел од биомасата што го употребуваме за добивање енергија е дрвото. За добивање топлина, исто така гориме дрво.
Биомасата ја добива својата енергија од сонцето. Растенијата ја складираат сончевата енергија во нивните корени и листови. Кога јадеме, енергијата од биомасата согорува и ја употребуваме за движење и растење. Со согорување биомасата ја користиме за да создаваме топлина. Исто така можеме да ја менуваме енергијата од биомасата во гас и течни горива.
Енергијата на биомасата е обновлива што значи дека можеме да создадеме биомаса за кратко време. Секогаш можеме да одгледуваме повеќе растенија.
Кога старо дрво ќе исечеме за огрев на негово место треба да засадиме ново. Исто така, треба да се грижиме и за почвата на која растат житарките и зеленчукот.
Геотермална енергија
Терминот геотермалност потекнува од грчкиот збор geo - земја и terme - топлина. Геотермалната енергија е всушност топлина од внатрешноста на земјата. Во внатрешноста на земјата е многу топло и понекогаш оваа топлина доаѓа до површинските слоеви на земјата. Оваа топлина можеме да ја користиме за затоплување на нашите домови, а можеме да произведеме и електрична енергија.
Земјината топка е составена од слоеви, слично како кај јајцето. Во центарот е јадрото на земјата од железо. Околу јадрото се наоѓа надворешна обвивка од железо и камен, но толку е топло што каменот е стопен. Така стопениот камен се нарекува магма (лава). Следниот слој е мешавина од камен и магма наречен обвивка. Најповршинската обвивка на земјата се планините и дната на океаните кои што се нарекуваат земјина кора.
На некои места магмата доаѓа близу до површината на земјата и ја затоплува подземната вода. Оваа подземна топла вода се ископува и се доведува со цевки на површината на земјата а потоа се користи за различни цели.
Врелата вода што ја употребуваме од геотермалните извори, повторно се враќа во земјата преку дождовите. Внатрешноста на земјата секогаш ќе биде врела. Топлина секојдневно се создава и надополнува во срцевината на земјата.
Никогаш нема да имаме недостаток на геотермална енергија, зошто таа е обновлив енергетски извор.
Хидроенергија
Hydro значи вода, а оттука хидроенергија значи енергија добиена со движење на водата. Таа енергија се користи за создавање електричната енергија.
Гравитацијата е силата која прави телата меѓусебно да се привлекуваат. Гравитацијата исто така прави водата да се движи од повисоко кон пониско место. Дождот од планините паѓа во долините и океаните.
Сонцето ја затоплува водата од океаните и ја претвора во водена пареа. Ова се нарекува испарување. Водената пареа се движи нагоре во атмосферата и се претвора во облаци кога ќе допре до студениот воздух високо над земјата. Облаците ослободуваат вода и таа паѓа на земјата во вид на дожд или снег и водата одново почнува да кружи. Тоа се нарекува кружен циклус на водата.
Сончева енергија
Најголемиот дел од енергијата што ја добиваме е од сонцето. Ја нарекуваме сончева (соларна) енергија. Оваа енергија патува од сонцето до земјата во вид на зраци. Сончевите зраци можеме да ги видиме, но постојат и зраци што не можеме да ги видиме како рендгенските.
Сонцето е огромна топка гас. Праќа огромно количество на енергија секој ден. Најголемиот дел од енергијата оди во вселената, само мал дел допира до земјата.
Сончевата енергија ја употребуваме на многу начини. Во текот на целиот ден сончевата енергија ни е потребна за гледаме каде одиме и што правиме.
Сончевата светлина се претвора во топлина кога удира во работите. Без сонцето не можеме да живееме на земјата бидејќи би било премногу ладно. Сончевата енергија ни користи за затоплување на водата и за сушење на алиштата.
Растенијата употребуваат светлина од сонцето за да растат, тие ја земаат енергијата од сонцето и ја складираат во своите корени и листови. Оваа енергија ги храни сите живи суштества на земјата.
Сончевата енергија прави ветерот да дува и дождот да паѓа. Таа енергија можеме да ја „фатиме” со ветерници и брани.
Ветер
Ветерот е воздух во движење. Можеме да ја употребуваме енергијата на ветерот за остварување на различни работи. Старите Еѓипќани го употребувале ветерот за пловење со бродови по реката Нил. Луѓето сеуште го употребуваат ветерот за едрење.
Во Холандија, земјата на ветерниците, луѓето го користат ветерот за мелење жито. Значи, низ историјата, луѓето ги користеле ветерниците за мелење жито, за вадење вода и за движење на водениците. Денес ветерот го користиме за добивање на електрична енергија.
Енергијата на ветерот доаѓа од сонцето. Кога тоа грее, ја затоплува земјата. Воздухот над земјата станува потопол отколку оној над водата. Топлиот воздух како полесен се крева погоре во атмосферата и ладниот воздух се стреми да го завземе неговото место. Ветерот е всушност движењето на воздухот.
Се додека сонцето грее ќе има ветер на земјата. Никогаш нема да дојде до недостаток од енергијата на ветерот. Тоа е обновлив енергетски извор. Исто така, ветерот е бесплатен енергетски извор затоа што никој не ги поседува ниту сонцето, ниту воздухот.

